Комората на сметководители на Македонија најостро реагира на употребата на професионалниот назив „сметководителка“ во потценувачки и омаловажувачки контекст за време на расправа во Собранието.
Нашата реакција нема никаква партиска заднина, ниту претставува поддршка или одбрана на кој било носител на јавна функција.
Политичарите имаат право, а често и обврска, остро да ги критикуваат политиките, одлуките, резултатите и стручноста на своите политички противници. Но професијата на десетици илјади луѓе не смее да се користи како навреда.
Всушност, кога еден искусен македонски „политичар“ се обидува јавно да навреди некого нарекувајќи го „сметководител“, тоа доволно говори за нивото на политичката култура во Македонија, но и за односот на дел од самопрогласените надмени политички елити кон професијата врз чиј труд функционира државата.
Секој колега и професионалец кој секојдневно се грижи платите да бидат правилно пресметани и навремено исплатени, даноците и придонесите точно утврдени, финансиските извештаи подготвени, а деловните субјекти усогласени со огромен број закони, правилници, рокови и обврски, има право да биде горд на себе и на својот придонес кон функционирањето на стопанството — придонес кој неретко е многу поконкретен и повидлив од придонесот на одредени политичари.
Сметководителите се луѓето што го претвораат економското и даночното законодавство во практично функционирање на системот. Тие се меѓу главните столбови врз кои почиваат финансиската дисциплина, деловната сигурност, наплатата на јавните приходи и опстанокот на илјадници компании и работни места.
Без сметководителите, Буџетот за кој се расправа во Собранието не би имал кој да го полни, пресметува, евидентира и практично да го спроведува.
Затоа, доколку некој сака да ја оспори работата на министер, пратеник, професор или кој било друг јавен функционер, на располагање му стојат фактите, аргументите и политичките оценки. Користењето чесна, одговорна и високооптоварена професија како средство за потсмевање не е аргумент. Тоа е само показател за недостаток од аргументи и недостаток од политичка култура.
Со доза иронија, мора да констатираме дека во држава во која дури и најискусните политичари понекогаш тешко ги разбираат буџетските бројки, да се биде наречен „сметководител“ би требало да претставува признание, а не навреда.
Очекуваме од сите народни избраници, без оглед на нивната политичка припадност, да покажат почит кон професиите и кон луѓето врз чиј секојдневен труд функционира државата.
Политичките расправи ќе поминат. Професиите, институциите и меѓусебната почит мора да останат.
За жал, во меѓувреме станува очигледно дека очекувањата од дел од нашите “професионални политичари” ни биле превисоко поставени.
Комора на сметководители на Македонија





