Комората на сметководители на Македонија ја поздравува подготвеноста на Министерството за економија и труд за отворен дијалог и конструктивна соработка во процесот на подготовка на Предлог-законот за рано предупредување и превентивно преструктурирање на трговски друштва.

По доставените коментари и забелешки од страна на Комората, со задоволство констатираме дека во најголем дел беа прифатени нашите аргументи во однос на првично предложениот член 6, со што беше избегнато наметнување на нови законски обврски врз сметководителите и овластените сметководители кои излегуваат надвор од рамките на нивната професионална улога и законски дефинирани надлежности.

Особено го поздравуваме новото решение според кое ангажирањето на сметководители, ревизори, финансиски и други стручни советници е поставено како можност на располагање на трговските друштва, а не како задолжителна законска обврска на сметководителите. На овој начин се почитува улогата на органите на управување во друштвата, а истовремено се овозможува користење на стручна помош кога тоа е потребно.

Комората останува на ставот дека системите за рано предупредување и превентивното преструктурирање можат да претставуваат корисен механизам за навремено надминување на финансиските потешкотии кај деловните субјекти, но нивната примена мора да биде усогласена со постојната законска рамка и со реалните капацитети на микро, малите и средните претпријатија, како и на сметководствената професија.

Упатуваме искрена благодарност до Министерството за економија и труд за покажаното разбирање и подготвеност за прифаќање на аргументираните предлози на стручната јавност.

Комората и понатаму останува отворен и конструктивен партнер на институциите во процесите на креирање законски решенија кои придонесуваат за подобра деловна клима, заштита на јавниот интерес и унапредување на сметководствената професија во Република Македонија.

„Ова е одличен пример како преку аргументиран дијалог може да се дојде до поквалитетни законски решенија кои истовремено ги штитат интересите на стопанството, институциите и сметководствената професија.“ – изјави Благоја Грозданов, претседател на Комората на сметководители на Македонија.

Новиот текст на членот 6 од работната верзија на предлог-Законот сега гласи:

Користење на надворешни стручни советници

Член 6
(1) Трговското друштво може за потребите на воспоставување, следење и унапредување на системот за рано предупредување да ангажира правни или физички лица кои обезбедуваат финансиски, деловни, сметководствени, ревизорски, правни, консултантски или други стручни услуги.
(2) Лицата од ставот (1) на овој член можат да учествуваат во изработка на финансиски анализи, проекции на готовински тек, проценка на ризици од инсолвентност и подготовка на мерки за финансиска стабилизација.