Во време на константни ценовни притисоци, континуиран пад на ликвидноста и отежнета наплата на побарувањата на Сметководствените бироа, Комората на сметководители смета дека би било далеку поцелисходно и корисно организација која располага со значајни ресурси, институционални алатки и механизми како што е Институтот наместо репресија и чисто зголемување на обврските кои се наталожуваат врз сметководителите, повеќе да се концентра на заштита на правата на сметководителите, подобрување на пазарната позиција на сметководствените бироа, зачувување на дигнитетот на професијата и одбрана на интересите на сите колеги.
Потсетуваме дека целта на постоењето на Институтот не е профитна и улогата која ја има ИСОС во системот на уредување на професијата не смее да биде репресивна.
Со овој начин на постапувaње, Институтот уште повеќе го нарушува односот меѓу права и обврски во професијата, создава уште поголем дисбаланс и создава револт кај сите сметководители.
За жал, мора да констатираме дека Институтот со сите негови дејства во минатиот период создаде крајно неповолна клима во професијата. Всушност, на овој начин се поставува прашањето, дали воопшто кој било млад и перспективен човек би сакал да гради кариера во професија која има тотален дисбаланс меѓу права и обврски.
Апелираме до колегите во Собранието и останатите надзорни органи на Институтот, во најскоро време да побараат одговорност и отчет од управните тела за хаосот која се создава во континуитет, веќе неколку години наназад.





