Почитувани,
Комората на сметководители на Македонија, како најголемо и најактивно професионално здружение на сметководители и сметководствената бизнис-заедница во земјата, во кое членството е на доброволна основа, континуирано се залага за унапредување на професијата и зајакнување на институционалната соработка, вклучително и со Управата за јавни приходи.
Во рамки на нашите стратешки определби – борба против сивата економија, унапредување на професионалните стандарди, активно учество во законодавниот процес и градење функционален дијалог со надлежните институции – остануваме отворени за конструктивна и навремена комуникација по сите прашања од заеднички интерес.
Во таа насока, а по повод Вашиот допис со наслов „Потсетување за користење на фискална каса“, упатен до сметководствените бироа, во кој се наведува дека „според природата на дејноста може да вршите готовински плаќања и имате законска обврска за регистрација и користење на фискална опрема“, чувствуваме обврска да укажеме на следното:
Природата на дејноста на сметководствените бироа е суштински B2B, при што наплатата се врши исклучиво преку безготовински трансакции, врз основа на издадени фактури со договорени рокови на плаќање. Во пракса, готовинската наплата во овој сектор е непостоечки концепт и не претставува карактеристика на деловниот модел на бироата за сметководствените услуги. Дури и кога се работи за услуги дадени кон физички лица услугите се наплаќаат преку издавање на фактура.
Со оглед на тоа, ваквата генерализирана формулација создава слика за комплетно неоснована обврска и конфузија кај значителен број правни субјекти кои, според природата на својата дејност не вршат готовински промет и немаат реална потреба од воведување фискални уреди.
Во целост ја поддржуваме секоја иницијатива на Управата насочена кон сузбивање на сивата економија и зголемување на фискалната дисциплина. Сепак, сметаме дека напорите во оваа насока треба да бидат прецизно насочени кон субјекти и активности кај кои постои реален готовински промет, наместо да се опфаќаат дејности кај кои таквиот промет практично не постои.
Оттука, љубезно Ви предлагаме да ја преиспитате содржината и опфатот на предметниот допис, со цел истиот да биде усогласен со фактичката состојба и деловната практика во секторот, како и да се избегне создавање на непотребни административни обврски и да се создава финансиски товар кај сметководствената бизнис заедница.
Советуваме фокусот да го насочите пред се кон ставање во систем на субјекти и лица кои се надвор од систем а реално вршат дејност и деловни активности.
Комората стои на располагање како партнер за консултации и поддршка при дефинирање на решенија кои ќе бидат истовремено ефикасни и применливи во пракса.







