Интервју за Bloomberg Adria со м-р Благоја Грозданов, претседател на Комората на сметководители

На 3 септември 2026 година, претседателот на Комората на сметководители, м-р Благоја Грозданов, гостуваше во програмата на Bloomberg Adria, каде што со новинарката Андреа Чобанова разговараше за воведувањето на системот за електронско фактурирање, промените што тој ќе ги донесе за компаниите и сметководителите, како и за предизвиците што треба да се надминат пред неговата задолжителна примена.

Во продолжение ги издвојуваме клучните пораки и ставови што Грозданов ги изнесе во интервјуто.

Што конкретно ќе се промени за сметководителите и која ќе биде нивната улога во процесот?

Во однос на улогата на сметководителите во новиот систем, Грозданов најнапред направи важна дистинкција: „Сметководителите не ги создаваат деловните настани и, по правило, не ги создаваат деловните документи. Наша задача е тие документи правилно да ги евидентираме и да им дадеме соодветен сметководствен и даночен третман.“

Лицето што компанијата ќе го назначи за прием и обработка на електронските фактури, според него, треба да може да провери дали фактурата навистина се однесува на компанијата, дали стоката е примена или услугата е извршена, дали количините и цените се во согласност со договореното и дали документот треба да биде прифатен или оспорен.

Надворешниот сметководител не може секогаш да ги знае овие факти, бидејќи не бил присутен при приемот на стоката, не ја нарачал услугата и не може самостојно да потврди дека деловниот настан навистина се случил онака како што е прикажан во фактурата. Грозданов посочи дека одредени сметководствени друштва можат да понудат и дополнителна административна услуга за прием и обработка на фактурите, но тоа треба да биде посебна, договорена услуга, а не автоматски да се претвори во нова задолжителна обврска на професијата.

Како особено важно прашање за сметководителите, тој го истакна едноставниот и централизиран пристап до податоците за нивните клиенти. Системот треба да овозможи со еден клик да се преземе збирен извештај за сите влезни и излезни фактури за определен даночен обврзник и за конкретен период.

Таквиот извештај треба да ги содржи податоците за видот на прометот, применетите даночни стапки, даночните основи, износот на ДДВ, вкупната вредност на прометот, прометот по специфични одредби од Законот за ДДВ и статусот на секоја фактура. Во спротивно, доколку документите мора да се отвораат и преземаат еден по еден, кај компаниите со стотици или илјадници фактури би се заменило физичкото собирање хартија со ново електронско „бркање“ на документацијата.

„Сметководителот не треба од човек кој бркал хартиени фактури да стане човек кој брка електронски фактури.“

Доколку системот биде правилно поставен, истакна Грозданов, документацијата повеќе нема да треба да се бара од клиентите, туку податоците ќе бидат достапни навремено, на едно место и во форма што може автоматски да се обработува.

Дали е-фактурата ќе ја олесни работата или во почетокот ќе донесе дополнителен товар и трошоци?

Грозданов оцени дека е реално во почетниот период да се очекува дополнителен товар. Секоја голема системска промена бара приспособување на софтверите, интеграција со ERP-системите, дополнителни обуки, дефинирање на овластувањата и промена на воспоставените процедури во компаниите.

За дел од деловните субјекти ќе има и финансиски трошоци, особено за приспособување или надградба на постојните софтверски решенија, а ќе биде потребно време и вработените и сметководителите да се навикнат на новиот начин на работа.

Сепак, тој нагласи дека „транзицискиот товар мора да биде привремен“, а клучното прашање е што ќе добијат компаниите и сметководителите по завршувањето на периодот на приспособување.

Во врска со суштината на дигитализацијата, претседателот на Комората истакна дека таа треба да значи поедноставување, скратување на процедурите, поголема ефикасност и помалку можности за грешки. Не смее постапка што денес има пет чекори утре да се претвори во осум клика на неколку различни платформи.

„Дигитализацијата не е додавање кликови. Не треба хартиената бирократија само да ја претвориме во електронска бирократија.“

Според Грозданов, електронската фактура има голем потенцијал токму затоа што податоците во неа се структурирани. Издавачот и примателот се познати, даночната основа и стапката се внесени, износот на ДДВ е пресметан, а видот на прометот е означен. На тој начин се создаваат услови голем дел од податоците автоматски да се преземат во сметководствените програми, без повторно рачно внесување.

Оттука, при воведувањето на системот не треба да се поставува само прашањето што ново ќе треба да прават компаниите и сметководителите, туку и што од постојните обврски може да се укине или автоматизира. Кога државата преку системот за е-фактура веќе ги има структурираните податоци, нема логика сметководителот повторно рачно да ги собира и да ги препишува во друг образец.

Како крајна цел на целиот процес, Грозданов ја посочи претпополнетата пријава за ДДВ. Системот, врз основа на расположливите податоци, треба да изготви предлог-пријава, а сметководителот да ја контролира, да ги внесе потребните корекции и дополнувања и потоа да ја потврди. Според него, токму тоа би претставувало вистинско административно растоварување и реална корист од дигитализацијата.

Колку се подготвени сметководителите и компаниите и што е најголемиот практичен предизвик?

Кога станува збор за подготвеноста, Грозданов посочи дека таа не е еднаква кај сите компании. Големите компании, кои располагаат со развиени ERP-системи, сопствени информатички тимови и веќе дигитализирани интерни процеси, веројатно полесно ќе го поминат техничкиот дел од приспособувањето.

Кај малите и микро претпријатија, пак, состојбата е поинаква. Дел од нив сè уште немаат целосно дигитализирани процеси и сопствен информатички кадар, па во голема мера зависат од поддршката на своите сметководители и софтверски компании.

Посебен предизвик, според него, ќе имаат сметководствените друштва што работат со десетици или стотици клиенти, бидејќи ќе треба да управуваат со голем број овластувања, различни начини на работа и различен степен на подготвеност кај секој клиент.

Грозданов нагласи дека најголемиот предизвик нема да биде издавањето на една стандардна фактура. Наједноставно е да се внесе основата, да се пресмета ДДВ и фактурата да се испрати.

„Ѓаволот е во деталите.“

Во секојдневната практика постојат авансни фактури, корекции, сторнирања, делумни испораки, враќање стока, одобрувања и задолжувања, различни даночни стапки, ослободен промет, промет со и без право на одбивка, пренесена даночна обврска и голем број специфични даночни режими. Дури кога системот успешно ќе ги обработува сите овие реални ситуации, ќе може да се каже дека е функционален и приспособен на потребите на стопанството.

Затоа, вели Грозданов, периодот на доброволна примена треба да се искористи за вистинско тестирање, а не само за демонстрација на основните функционалности. Компаниите, сметководителите, софтверските куќи и институциите треба да го тестираат целиот процес од почеток до крај и навремено да ги идентификуваат проблемите.

За успешна практична примена се потребни јасни упатства, стабилни технички спецификации, навремена поддршка, обуки и отворена комуникација со професијата. Грозданов истакна дека Комората на сметководители може и треба да биде важен партнер во овој процес, бидејќи преку секојдневното практично искуство на сметководителите најбрзо може да се утврди каде системот функционира, а каде создава дополнителни проблеми.

Комората ја поддржува дигитализацијата и смета дека електронското фактурирање може значително да го подобри деловното работење. Сепак, успехот нема да се мери само според тоа дали е пуштен во употреба систем што се нарекува „е-фактура“, туку дали по неговото воведување компаниите и сметководителите трошат помалку време на административни постапки, имаат помалку рачна работа и добиваат поквалитетни и навремени информации.

„Е-фактурата не треба да биде уште една обврска. Таа треба да биде инфраструктура преку која ќе укинеме или поедноставиме дел од постојните обврски.“