ИСОС продолжува со самоволно постапување на штета на сметководителите!
Институтот на сметководители и овластени сметководители на ден 06.06.2024 година донесе Правилник за КПУ кој наместо да се задржи на суштинско унапредување на организираните часеви за континуирано професионално усогласување, во голема мера ги потценува и омаловажува сметководителите, форсирајќи повторно лични интереси на поединци.
По бројните реакции се издејствува да биде формирана работна група преку која ќе се ревидира правилникот, каде според договорот треба да учествува и еден претставник од сметководствените бироа. Но, УО на ИСОС користејќи се од позиција на моќ самостојно пропишува дека тој претставник треба да произлезе како предлог токму од нив, прогласувајќи се себеси како ексклузивни репрезенти и повторно поставувајќи монопол на истомисленици во работната група.
Токму Комората на сметководители беше движечка сила изминатите години при носење на оваа форма на ЗВСР, а значењето на коморното здружување е потврдено и во самиот ЗВСР преку членовите 71 и 72. Оттука, крајно недолично од страна на ИСОС е да се потценуваат колегите кои по сопствен избор доброволно се здружуваат коморно, наспроти наметнатото членство по сила на закон.
Во тој контекст, а со верување дека идејата позади работната група не се лукративни интереси на раководните лица на Институтот, очекуваме Комората на сметководители да биде повикана во договор со останатите коморни здруженија да номинира претставник од сметководствените бироа во работната група.