На 10.10.2024 во просториите на Централниот Регистар се одржа средба меѓу претставниците на Комората на сметководители, предводени од претседателот м-р Благоја Грозданов и Централниот Регистар, на чело со директорката м-р Анита Стамнова.

Средбата помина во исклучително позитивна атмосфера, пред се поради фактот што идентификувани беа компатибилните цели и интереси на двете организации.

Претставниците на Комората, меѓу другото истакнаа и дека бизнис заедницата и фелата генерално има потреба од овозможување на пристап до ефикасни алатки во борбата против сивата економија.

Дополнително, потенцирана беше и потребата за известување за промените кои настануваат кај клиентите – корисници на сметководствените услуги, а кои се упишуваат во ЦР по електронски пат во однос на измените кои би имале импликации врз начинот на финасиското известување и при давањето на сметководствените услуги.

Присутните од ЦР потврдија дека во рамките на техничките и системски можности на институцијата ќе се помогне во остварувањето на овие заложби.

Дел од идеите кои беа дискутирани на состанокот ќе бидат имплементирани како конкретни предлози при идни законски измени кои треба да овозможат нивна реализација.

Заклучок од средбата е и дека во интерес не само на бизнис заедницата туку и на целата економија е да се овозможи поголема ефикасност и продуктивност во работењето на сметководители и да се овозможи алокација на повеќе време кон решавање на суштински важните проблеми при финансиското известување.

Само со поставување на соодветен trade-off меѓу навремениста од една и прецизноста и сопфатноста на податоците од друга страна и државниот апарат ќе има пристап до точни и прецизни податоци на кои ќе може да се темелат иднити макроекономски политики.

Во иднина двете институции ќе работат на понатамошно продлабочување на соработката и решавање на тековните проблеми.