Комората на сметководители дава конкретна поддршка на УЈП за реализација на сите аспекти на проектот за ставање во функција на системот “Е-фактура” во Македонија, пред се во насока на автоматизација на деловните процеси Управата и кај даночните обврзници, преку практични предлози за зголемување на функционалноста на системот.
Комората секако ги поддржува сите иницијативи кои имаат за цел автоматизација, дигитализација и намалување на работниот товар кај колегите сметководители. Сметаме дека крајна цел на еден ваков систем треба да е добивање на претпополнета предлог ДДВ пријава во системот е-даноци и можност за електронско преземање на групни податоци за автоматска сметководствена евиденција.
Истовремено, би сакале да ја потсетиме јавноста дека креирањето на каква било документација (било да е хартиена или електронска) никогаш не била и не е во доменот на основните обврски на колегите сметководители.
Комората ги потсетува сите колеги да се фокусираат на нивните обврски за точна финансиска и даночна евиденција на настаните врз основа на предадената финансиска документација и да се обидат да ги автоматизираат повторливите процеси така што ќе обезбедат поголема ефикасност при извршување на рутинските задачи, што ќе остави повеќе време за комплексните анализи, контроли и проверки поврзани со поголеми ризици работењето.
Конкретно, во врска со системот е-фактура, комората на сметководители во насока на:
- подобрување на функционалноста на системот за е-фактура на кој моментално се работи,
- зголемување на ефикасноста при работењето на Управата и колегите сметководители и овластени сметководители,
- подобрување на наплатата на даноците, генерално,
- елиминирање на шансите за грешки поради внес на повторливи податоци,
- постигнување на поголемо ниво на автоматизација на процесите како главна придобивка од дигитализацијата,
- дополнително се намалува можноста за некомплетно, неажурно и нецелосно внесување на податоци при даночното известување заради непредавање на комплетна или предавање нанекоплтена, неточна, неажурирана или неверодостојна документација од страна на даночните обврзници кон сметководителите и овластените сметководители.
го дава следниот предлог: Системот е-даноци да дава периодичен (месечен) збирен извештај во вообичаен „excel“ формат за сите фактури и останатите типови на документи кои ќе се изготвуваат во системот, кој ќе може да биде симант од корисниците на системот кои ќе бидат овластени за тоа, во кој:
- Секоја ф-ра ќе биде во посебен ред;
- Колоните ќе содржат податоци за:
- Број на ф-ра;
- Дата на промет;
- Валута (доспевање);
- Коминтент (посебни колони за назив, ЕДБ, адреса);
- Основа за ДДВ посебно за промет оданочив со 0%, 5%, 10% и 18% ДДВ (секоја даночна стапка би била посебна колона);
- Пресметан ДДВ посебно за промет оданочив со 0%, 5%, 10% и 18% ДДВ (секоја даночна стапка би била посебна колона);
- Вкупен износ на ф-ра.
Предлагаме посебен извештај да може да се извади за влезните и за излезните фактури и останати документи генерирани преку системот во предметниот период.
Комората стои на располагање за понатамошни консултации околу овој извештај.
Сметаме дека ова треба да е една од главните функционалности на системот, без која се губи добар дел од смислата на постоење на истиот.






