ЗАКОНСКАТА НАДЛЕЖНОСТ НЕ Е ДОЗВОЛА ЗА САМОВОЛИЕ — УПРАВНИТЕ ОРГАНИ НА ИСОС МОРА ДА ПОНЕСАТ ОДГОВОРНОСT

109

ЗАКОНСКАТА НАДЛЕЖНОСТ НЕ Е ДОЗВОЛА ЗА САМОВОЛИЕ — УПРАВНИТЕ ОРГАНИ НА ИСОС МОРА ДА ПОНЕСАТ ОДГОВОРНОСТ

Според известувањето на ИСОС и како што потврди Уставниот суд во официјалното соопштение од 4 ноември 2026 година, Уставниот суд на седницата од 3 ноември 2026 година донел одлука за поништување на Правилникот за контрола на квалитетот на работењето на субјектите на контрола на квалитет, донесен од Управниот одбор на Институтот на 10 октомври 2024 година.

За Комората на сметководители на Македонија, ова е сериозна потврда дека предупредувањата за спорниот правилник заслужуваа суштинско разгледување, а не игнорирање. Со години укажуваме дека законските овластувања не смеат да се практикуваат самоволно, со авторитарен пристап и со потценување на аргументите на професионалната заедница.

ИСОС во своето известување нагласува дека законската надлежност за контрола на квалитетот останува. Но тоа не е одговор на прашањето зошто правилникот со кој ја уредувал таа контрола е поништен.

Постоењето законска надлежност и законитоста на нејзиното спроведување се две различни прашања. Надлежноста носи обврска за почитување на Уставот и законите, за јасни правила, правна сигурност и одговорно постапување. Таа не дава право на раководството сопствените одлуки да ги поставува над правниот поредок и интересите на фелата.

Особено загрижува што ова не е прв акт на ИСОС што не ја поминал уставносудската контрола. Во 2024 година беше укинат и Правилникот за начин и постапка за добивање уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар.

Доколку раководството на ИСОС нема доблест да ја признае и да ја понесе сопствената одговорност, тогаш ги повикуваме Министерството за финансии и Советот за унапредување и надзор на сметководствената професија, во рамките на своите законски надлежности, да го испитаат постапувањето на органите на управување на Институтот и да преземат соодветни мерки. Етичките вредности што ИСОС ги бара од сметководителите мора да важат и за неговото раководство.

Колку вакви одлуки се потребни за раководството да прифати дека мора да понесе одговорност?

Во доставеното известување нема одговор кој ќе понесе одговорност за донесувањето на поништениот правилник. Нема ниту објаснување за последиците врз субјектите кон кои евентуално се постапувало врз негова основа. Наместо тоа, членството добива уверување дека во најкраток рок ќе биде донесен нов правилник.

Брзината не е мерило за законитост. Нов правилник не смее да значи само нов број, нов датум и продолжување на истиот пристап. Потребни се целосно почитување на одлуката и нејзиното образложение, отстранување на утврдените недостатоци и вистинско вклучување на професионалната јавност.

Повикувањето на меѓународната практика, исто така, не може да го замени почитувањето на домашниот Устав и законите.

Комората бара од ИСОС:

Јавно да ја објави целосната одлука на Уставниот суд со образложението и да ги објасни нејзините последици за членството.
Да даде отчет за примената на поништениот правилник и за мерките што ќе ги преземе за постапување согласно одлуката.
Да утврди одговорност во рамките на органите што го подготвиле и донеле правилникот.
Пред донесувањето нов правилник, да објави нацрт и да овозможи суштинска стручна расправа, со јавно образложени одговори на забелешките.

Сметководствената професија заслужува квалитетни стандарди и законита, предвидлива и професионална контрола. Но довербата во таквата контрола започнува од законитоста и одговорноста на оној што ја спроведува.

Не може од сметководителите да се бара беспрекорно почитување на правилата, а раководството што ги донесува да ја прескокнува сопствената одговорност кога тие правила ќе паднат пред Уставниот суд.

Комора на сметководители на Македонија