Комората на сметководители на Македонија во континуитет се залага за подобрување на состојбата на сметководствената професија и активно делува за заштита на интересите на сметководителите и овластените сметководители.
Во таа насока постојано апелиравме и реагиравме за донесениот Правилник за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, со одредби спротивно на ЗВСР, за што во повеќе наврати ви беше предочено преку писмени дописи како и одржани состаноци, на што не наидовме на конструктивност од ваша страна. Со овој Правилник многу од колегите С/ОС беа директно загрозени и оштетени во извршување на своите работни обврски и обезбедување егзистенција.
Имајќи го предвид погоре кажаното воопшто не не изненадува фактот што во Службен весник 229 од 12.11.2024 е објавена Одлука на Уставниот суд со која СЕ УКИНУВА Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија.
Со оваа Одлука ефективно се докажа дека самоволното постапување на УО беше спротивно на ЗВСР, па следствено сметаме дека единствено чесно, одговорно и професионално постапување е преземање на одговорност од Ваша страна и поднесување на оставки од страна на сите раководни органи на ИСОС од морално – етички причини.
Сметководствената професија заслужува достоинствен пристап и соработка со сите институции, Комори и поединци, а не држење во заложништво од одредена група на луѓе кои немаат слух за реалните проблеми на колегите. Во таа насока се надеваме дека ќе преовлада разумот и професионалноста и во најкраток рок ќе ги поднесете вашите оставки, наместо дополнителни обиди за носење на акти со слична или иста содржина, спротивна на ЗВСР.