Комората на сметководители го повикува Советот за унапредување на сметководствената професија, наместо да настапува во координација со ИСОС, конечно да почне да постапува по своите законски овластувања особено во контекст на член 5, став (1), точки 8, 9 и 10 од ЗВСР и да се произнесе во однос на законитоста на одлуките донесени од Собранието на ИСОС без претходно одржани и организирани подружници и донесени одлуки на подружници во постапка согласно член 17, став (9) и (10) од ЗВСР.

Дополнително, потсетуваме дека Советот не се произнесе со никаков став во однос на:

  • Правилникот донесен од раководството на ИСОС со одредби целосно надвор од пропишанато со ЗВСР, по кој се издаваа уверенија скоро две години со ред, а кој предизвика низа дополнителни трошоци за усогласување кај колегите а кој се покажа како неуставен, согласно Одлуката на Уставен Суд;
  • Безправното одземање на право за потпис на годишна сметка на околу 4.000 колеги, во екот на сезоната на годишни сметки, во отсуство на каква било правно издржана, логична постапка, со одземено елементарно право на жалба на колегите кои во најголем дел не ни биле известени за какви било преземени дејства од страна на ИСОС против нив.

Во однос на првата точка Советот ниту еднаш не побара каква било одговорност од страна на органите на ИСОС за последиците од противуставното делување. Претставници на Комората безброј пати реагираа на противзаконитоста и противуставноста на Правилникот, што со одлуката на Уставниот Суд се покажа како исправна реакција, но од раководството на ИСОС не наидовме на никакво разбирање. Најмалку што може Советот на преземе е да побара усогласување на постапувањето и работењето на раководството на ИСОС. Наместо тоа сведоци сме на континуирано постапување на раководството на ИСОС по одредби на укинатиот противуставен Правилник, во одобрувачки молк од страна Советот, со што станува јасно дека наместо надзорно Советот делува координативно со раководството на ИСОС а против интересите на фелата.

Во однос на втората точка, со дописите кои ги прати до целото членство по мејл во текот на минатите денови, раководството на ИСОС покажа дека има техничка можност да комуницира со членството, но своеволно избира да не го прави истото и очигледно намерно и тенденциозно а ндвор од законските одредби во експресна постапка го одзема правото за потпис на годишна сметка кај илијадници колеги.

Комората е професионално здружение кон кое се пристапува на доброволна основа и како такво секогаш во преден план ги става интересите на бизнис заедницата и поширокото членство. Следствено, од самиот почеток е кристално јасен ставот на Комората дека се противиме на какво било зголемување на трошоците од работењето за сметководителите и овластените сметководители – било да се работи за трошоците за членарини, обуки или кои било други трошоци од работењето а кои се дикрирани од ИСОС.

Заедништвото и меѓусебното почитување отсекогаш биле главни одлики на нашата Комора, а секој обид за дефокус од кризата која раководството на ИСОС ја предизвика не само во фелата туку и пошироко во стопанството и за сеење раздор во фелата е целосно залуден.

Комората и понатаму останува посветена на решавање на кризната ситуација во фелата фабрикувана од раководството на ИСОС.