Во последните неколку денови до Комората на сметководители стигнаа бројни реакции од колеги кои се соочуваат со ефективно одземање на правото за извршување на сметководствени работи во екот на периодот на подготовка на годишните сметки.
За жал доминира впечатокот дека наместо да се заложи за решавање на проблемите на професијата и за подобрување на состојбите во фелата ИСОС создава дополнителни проблеми, главоболки и стрес за колегите и онаму каде претходно ги немало!
Сите се залагаме за воспоставување на ред во професијата, но тоа не се прави со директно одземање на правото за работа на колеги кои со децении одговорно си ја вршеле работата.
Дополнително, со ваквото ад хок постапување целосно се нарушува и правната сигурност кај обврзниците за водење на сметководствена евиденција.
Стравуваме дека со ова темпо на продлабочување на дисбалансот меѓу бенефитите од оваа професија и обврските и одговорностите само ќе се продлабочат демографските проблеми и се помал број на млади лица ќе сакаат да се бават со оваа интелектуална дејност. Жално е што никој од одговорните не работи на намалуваење на јазот меѓу она што се нуди и она штом се бара од фелата.
Потенцираме дека со ваквото постапување од страна на раководството на ИСОС кое после одлуката на Уставниот суд за укинување на Правилникот по кој се издаваа лиценци година дена наназад, сеуште одбива да понесе одговорност и да го усогласи своето работење со законските прописи и со реалноста на ситуацијата во која се наоѓа фелата, е директно повредена постапката од член 33 и 38 од Правилникот за дисциплинска одговорност кој самото раководството на ИСОС го донесе.
Комората продолжува да се залага за целосна либерализација на можноста за професионално здружување која моментално е законски монополизирана од ИСОС, кој очигледно се претвара во организација преку која се врши дополнителна репресија врз колегите без да се понуди никаква заштита.
Само преку овозможување на слобода на професионално здружување професијата може да се движи напред.