Во очекување на Седницата на Собранието на ИСОС закажана на 1.2.2025 година, Комората на Сметководители на Македонија најостро се спротивставува на носење на какви било одлуки со кои од страна на ИСОС би се покачиле трошоците од работењето на сметководителите во било која форма и по било кој основ.

Во време на екстремно зголемување на трошоците од работењето, секој денар дополнителен трошок на грбот на фелата ќе претставува огромен удар.

Дополнително, потсетуваме дека ИСОС е во основа непрофитна организација која не смее да акумулира непотребни средства од колегите сметководители и овластени сметководители без реална потреба. Ова особено што до сега од работата на Институтот не се почувствува никаков бенефит во секојдневното работење на сметководителите и овластените сметководители, туку напротив Институтот само постави дополнителни административни сопки, пречки и го зголеми нивото на стрес во работењето на колегите без да понуди заштита на интересите на фелата.

Апелираме до колегите во Собранието да не се сведат на “гласачка машинерија” туку при носењето на одлуките да ги имаат предвид интересите на целата фела.

Нетранспарентноста е и понатаму една од главните одлики на раководењето на ИСОС во последните години, па така и сега пред одржувањето на Собранието, предлог Одлуките кои би биле на товар на целата фела не се ставени на дебата во јавноста.

Комората и понатаму се залага за генерално подобрување на состојбата во сметководствената професија кај нас, носење на акт за прецизирање на минимален надомест за сметководствени услуги и либерализација и демонополизација на можноста за професионално здружување кај нас.