Претставници на Комората на сметководители денес остварија средба со директорката на УЈП, г-ѓа Елена Петрова.
Средбата помина во мошне конструктивна атмосфера, со тоа што идентификувани беа заедничките цели и приоритети на Комората и Управата.
Дел од темите кои беа дискутирани ги вклучуваа целосната дигитализација на дел од услугите на Управата, електронската достава на даночни и даночно управни акти, синхронизација и усогласување на дел од постапките измеѓу регионални дирекции, интеграција на електронските системи на Управата (е-даноци, е-ПДД, е-УЈП, МПИН и др.), подигнување на нивото на даночното сметководство на Управата и др.
Меѓу другото, констатирана беше и потребата за подигнување на соработката меѓу Комората и Управата на повисоко ниво и дефинирање на системски оперативни решенија за континуирана комуникација.
Идентификувана беше и потребата за законски и системски измени во насока на обезбедување на задолжително потпишување на дел од даночните пријави од страна на Овластени сметководители со што ќе се обезбеди дополнителна алатка за борба против сивата економија и ќе се подобри квалитетот на даночното известување.
Нова средба на која би се дискутирало за детали околу понатамошната соработка и за предлози за редизајн на дел од процесите во насока на подигнување на ефикасноста и ефективноста при давањето на услугите на Управата се очекува во наредните месеци.