Комората ги поддржува сите иницијативи кои имаат за цел автоматизација, дигитализација и намалување на работниот товар кај колегите сметководители.
Во таа насока, Комората на сметководители дава поддршка на УЈП за реализација на проектот за ставање во функција на системот “Е-фактура” во Македонија, пред се во насока на автоматизација на деловните процеси поврзани со евиденцијата на финансиските и даночните настани кај Управата и кај даночните обврзници за сметка на што ќе се зголеми ефикасноста во работењето и ќе се намали просторот за грешки при евиденцијата на повторливи настани.
Дополнително, Комората стои на располагање со нашата експертиза и искуство да придонесеме кон процесот на воспоставување на системот додека истиот е во фаза на изработка, како би се избегнале проблеми во подоцнежните фази на изработката и имплементацијата на истиот.
Сметаме дека крајна цел на еден ваков систем треба да е добивање на претпополнета предлог ДДВ пријава во системот е-даноци и можност за електронско преземање на групни податоци за автоматска сметководствена евиденција.
Перспективно, Комората смета дека УЈП треба да работи на креирање на холистички системски пристап и интеграција на системите за професионални корисници, бидејќи во моментов колегите сметководители фунционираат во хаотична средина на мноштво системи: е-даноци, е-пдд, е-УЈП, МПИН и сл.
Истовремено, би сакале да ја потсетиме јавноста дека креирањето на каква било финансиска и/или материјална и пропратна документација (било да е хартиена или електронска) никогаш не била и не е во доменот на редовните обврски на колегите сметководители.
Комората ги потсетува сите колеги да се фокусираат на нивните обврски за точна финансиска и даночна евиденција на настаните и да се обидат да ги автоматизираат повторливите процеси така што ќе обезбедат поголема ефикасност при извршување на рутинските задачи, што ќе остави повеќе време за комплексните анализи, контроли и проверки поврзани со поголеми ризици и награди од работењето.