Комората на сметководители на Македонија избра нов претседател!

На денешната седница на Собранието на Комора на сметководители на Македонија, на која својата оставка ја даде досегашниот претседател Драган Митковски, за нов претседател едногласно беше избран Благоја Грозданов.

Грозданов по изборот се обрати до членовите на Собранието:

“Влегувам во исполнувањето на обврските како претседател со многу елан и мотивација и една од главните цели ми е да ве заразам и вас со ентузијазмот дека можеме да направиме промена и дека вреди да се бориме.

Како главна стратешка цел која ја имам зацртано ќе ја издвојам либерализацијата на можностите за професионално здружување на С и ОС во коморни здруженија по нивен избор, наместо наметната институционална монополизација, како и тековната борба против приватизацијата на ИСОС каде интересите на поединци и мали интересни групи самоволно ги диктираат случувањата притоа селективно пристапувајќи кон примената на одредбите од ЗВСР.

Фокусот на Комората мора да е насочен кон решавањето на реалните проблеми со кои се соочува бизнис заедницата на терен. Во оваа насока ќе преземеме конкретни чекори за воспоставување на дијалог со законодавецот со цел конечно наоѓање на модул за реализација на законско решение со кое ќе се овозможи некоја форма на тарифник за минимален надомест за сметководствени услуги, како и континуирана комуникација и продлабочување на соработката со УЈП како институција со која колегите имаат најчеста комуникација, отворање на директни канали за концизно одговорање на спорни прашања и овозможување на правна помош и заштита при инспекциски надзор и контрола за членовите.

Интересите на фелата мора да бидат пред се’ и над се’ и во таа насока ќе се залагаме за воспоставување на флексибилен систем на КПУ каде фокусот наместо на бескорисно повторување на истите слајдови и мерење на часовите на штоперица ќе биде на концизно, ефикасно и ефективно решавање на проблеми и одговарање на конкретни прашања.

Иако ние во Македонија сме склони кон разединување и поделби, за крај ќе изразам најискрена желба дека барем еднаш, барем сега, ќе најдеме сили да се обединиме околу заеднички интереси и цели.”

Поради истек на мандат беа избрани и нови членови на Управен одбор, каде што покрај новиот претседател избрани се и Александра Иванова, Ѓорѓи Грковски, Маја Петревска, Марина Петрушева, Бране Попоски и Искра Спироска Ивановска.

Собранието го изгласа и новиот Надзорен одбор составен од Тања Наќевска, Сашо Раденковиќ, Шемије Сали, Весна Василевска и Снежана Тонева Кузманова.

Комората на сметководители останува доследна на своите заложби за заштита на фелата и унапредување на професијата, за што новоформираните органи во наредниот период ќе започнат со активно делување.